Адем: Преговарав и со други клубови, но штом чув за Арис сè оставив во втор план!

Gol.mk ексклузивно интервју

Како големо изненадување минатата недела одекна трансферот на младиот македонски фудбалер, Али Адем во Арис од Солун. Младиот вардаров играч како слободен замина кај нашиот јужен сосед, а со Арис потпиша четиригодишен договор. Вели дека му е чест што ќе го носи дресот на овој тим и ќе игра пред најдобрите навивачи во Грција.

Кога спласнаа емоциите по презентацијата, првите импресии и запознавањето со клубот и соиграчите, Адем ни ја раскажа својата приказна и патот до Солун.

Малкумина македонски фудбалери играа за клубови во големата петорка на грчкиот фудбал. Можеби само Савевски остави трага. Како ја добивте можноста да потпишете за Арис?

„За мене е голема чест што добив можност да потпишам со голем клуб како Арис. Тони Савевски е легенда во грчкиот фудбал и се надевам дека и јас ќе останам трага во оваа фудбалска земја. Контактот со Арис го оствари агентот Јовица Димовски, кој во соработка со грчката фудбалска легенда Ангелос Харистеас, кој е директор на Арис, го заврши мојот трансфер“.

Што значи овој клуб за Солун, за грчкиот фудбал и враќањето во Европа?

„Знам дека Арис дека е одличен клуб уште откако се интересирам за фудбал. Но, ова што го чувствувам откако пристигнав во Солун, што значи Арис за навивачите, не може да се опише за зборови.

Би бил најсреќен ако успееме да се пласираме во групите од Лига Европа, а прва пречка е тимот од Украина. Колос. Се надевам дека ќе поминеме“.

Дали имаше други клубови заинтересирани за вашите услуги? Кои се вашите лични цели во најсилната лига на Балканот?

„Имавме преговори со неколку клубови, но штом стапивме во контакт со Арис, сè друго беше во втор план. Грчката лига е меѓу најдобрите  во Европа, а јас се надевам дека со напорна работа ќе изборам место во тимот“. 

Како го доживеавте заминувањето од Вардар? Дали жалите што генерацијата шампион е растурена преку ноќ?

„Вардар секогаш ќе го носи во моето срце. Му посакувам успеси во иднина“.

Сигурно размислувате за националниот тим. Прво репрезентацијата до 21 година. Дали е тоа вашата следна цел?

„Секој играч сака да го носи националниот дрес. Со напорна работа сигурен сум дека за кратко време ќе го заслужам тоа“.

По подолго време македонски фудбалер ќе игра во најквалитетната лига на Балканот. Колку и квалитетот да опаѓа и на Грците да им недостига квалитет, многу тешко е да се игра во нивната лига. Младиот Адем ги има сите предиспозиции да се наметне во интернационалниот тим на Арис и да докаже дека неговиот избор беше полн погодок.