Ацковски: Среќен сум за голот, ова е многу важна победа за Брегалница

Фудбалерите на Брегалница извојуваа тешка победа против Борец (2-1), во рамките на 15. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Велешани рано поведоа во Штип, па се затворија и не ризикуваа. Сепак, ланскиот второлигаш се врати и направи пресврт со кој дојде до петтата позиција во лигата. 

Прв фудбалер кој го проби бедемот пред голот на Борец беше Кристијан Ацковски. Фудбалерот за врска на Брегалница даде важен и убав гол за враќање на неговиот тим во игра. 

„Среќен сум за постигнатиот гол кој ни дозволи да се вратиме во натпреварот и потоа да победиме. Ова е многу значајна победа за нас, да се вратиме во горниот дел од табелата во ПМФЛ. Нè очекуваат тешки натпревари и секој од нив ќе го играме како да е финале. 

Амбициите ни се да се бориме за врвот, односно излез во Европа. Секако, постои шансата да се избориме и преку Купот. Таму не очекува тешко гостување во Кратово кај Силекс, па веќе сето внимание е насочено кон тој натпрвар“, ни изјави Ацковски. 

Брегалница се вклучи во битката за Европа во ПМФЛ, бидејќи пријде на само два бода зад Шкендија и Академија Пандев. Сега пред нив е тешко гостување кај бранителот на тронот во Купот на Македонија, Силекс.