Ацковски: Среќен сум за голот, ова е екипа која има квалитет да игра на ЕП

Репрезентацијата на Македонија до 21 година славеше на гостувањето кај Фарски Острови со 1-2, во квалификациска средба за Европското првенство следната година. Избраниците на Благоја Милевски одиграа добар натпревар и ги освоија бодовите во Торсхавн.

Фудбалерот на Брегалница, Кристијан Ацковски беше стрелец на вториот погодок, кој за него беше прв репрезентативен гол. Во изјава за Gol.mk, ни кажа дека е среќен за победата, деби-голот и шансите Македонија да се пласира на Европското првенство. 

„Среќен сум за постигнатиот гол, победата и довербата која селекторот Милевски ми ја укажува во овие квалификации. Оваа екипа има хемија и квалитет и без разлика на противникот, секогаш игра на победа. Далечниот дуел на Фарски Острови наликуваше на лесно гостување и бодови, но беше вистински предизвик. Сепак, покажавме карактер и диктиравме темпо во текот на целиот натпревар, па заслужено победивме. Овие важни бодови ќе ни дадат самодоверба за последните четири кола. Се надеваме на добри резултати и шанса да го повториме најголемиот успех, па да играме на ЕП“, ни кажа Ацковски.

Во следните квалификациски прозорци, Македонија ќе игра две домашни и две гостински средби, во обид да се пласира на континенталниот собир. Веќе во октомври следи гостување кај Казахстан и домашна пресметка со Израел, па во ноември гостување во Тел Авив и во последното коло ќе ја дочекаат Црна Гора.