Ацковски: Доминиравме ама загубивме, сега фокусот е на првото место во ВМФЛ!

Брегалница загуби во осминафиналната пресметка од Беласица и беше елиминирана со минимални 0-1 на домашен терен во Штип. Домашните имаат за што да жалат, бидејќи промашија пенал на самиот старт од натпреварот, а имаа и неколку колосални шанси. 

Голот за Беласица стигна по кикс на голманот и лошо излетување, а потоа струмичани се затворија и се бранеа до крајот. Младинскиот репрезентативец на Македонија, Кристијан Ацковски во разговор за Gol.mk изјави дека штипскиот тим бил подобар, ама немал среќа и тој и соиграчите промашиле доста шанси. 

„Брегалница беше доминантен тим, не искористивме пенал и промашивме уште неколку зицери во првиот дел. Следеше фудбалска казна и примивме гол по наша грешка, а потоа противникот одлично се бранеше. 

Сега кога испаднавме од Купот, максимално ќе се фокусираме на првенството каде целта е да го осигураме првото место и да обезбедиме пласман во Првата лига на Македонија“, ни призна Ацковски. 

Брегалница извиси минатата сезона за место во елитата, токму на сметка на Беласица, бидејќи по прекинот на сезоната првопласираните тимови заработија пласман во ПМФЛ. Сега, главен конкурент за челната позиција ќе им биде Тиквеш, кој не е ниту малку наивен ривал.