Ацковски: Докажавме дека можеме да се носиме со најдобрите во Европа

Македонската фудбалска репрезентација до 21 година зад себе остави уште еден одличен квалификациски циклус за Европско првенство, но поради промените на УЕФА не го продолжи походот кон ново учество на континенталниот собир. 

По завршувањето на овој циклус, бројни фудбалери од ростерот на селекторот Милевски ја напуштаат селекцијата, а меѓу нив е и играчот на Брегалница, Кристијан Ацковски. 22-годишниот играч за врска е среќен што беше дел од ова семејство и е горд што младата селекција повторно покажа дека може да се носи со најдобрите во Европа. 

„Среќен сум што бев дел од оваа фамилија и имав можност да работам со најдобриот стручен штаб. Докажавме дека можеме да се носиме со најдобрите во Европа и малку недостигаше да го повториме тој европски пласман. Сега, фокусот целосно ќе ми биде насочен кон Брегалница. Пред нас е битка за првото место и пласман во ПМФЛ. Сметам дека Тиквеш е вистинскиот ривал, а Брегалница нема право на кикс во останатите дуели“, ни кажа младиот фудбалер. 

Ацковски е дете на Работнички, за кого настапуваше до минатата сезона, а уште има играно и за тимот на Борец.