• Мартин Танасковски
Бојан Миовски е жешка тема на трансфер-пазарот во Шкотска. Поради најдобрата сезона во кариерата во Абердин, се поврзува со трансфер во повеќе клубови меѓу нив и најголемите во земјата Селтик и Ренџерс.
25-годишникот даде 26 гола во сите конкуренции и затоа се смета за еден од најдобрите напаѓачи во лигата. Се пишуваше за понуда на Ренџерс, но од Абердин конечно се огласија на таа тема. Извршниот директор Алан Бароус даде коментар за Миовски.
„Немаме понуди. Нема ништо такво. Бојан има договор уште две години со нас и сакаме да остане тука што е можно повеќе затоа што тој е фантастичен напаѓач. Разбираме дека има интерес за него. Тоа може да ни ја отежни работата што сакаме да го задржиме и понатаму, но имаме уште две години договор. Силата на пазарот значи дека може да има и понуди за некое време.
Навивачите на Абердин би сакале Миовски да е тука засекогаш. Тој е страшен напаѓач кој има капацитет да игра во најдобрите пет лиги во светот. Сакаме да е тука, но сме реални. Како што кажав, ќе ја направиме најдобрата проценка за Абердин.“, изјави Бароус.
Покрај Ренџерс и Селтик, се споменуваат и Болоња од Серија А и Саутемптон од Премиер лигата, како и Феенорд од Ередивизие. Миовски има договор со Абердин уште две сезони, до 2026 година.
Доколку Миовски направи трансфер, се очекува тој да биде рекорден за Абердин. Првото место во шкотскиот клуб го држи десниот бек Калвин Рамзи кој во 2022 година премина во Ливерпул за 4,5 милиони фунти и 20% од следната продажба.