• Иван Димовски

Турските медиуми пренесоа дека тамошниот гигант Бешикташ испратил понуда за трансфер на Бојан Миовски до Абердин.
Македонскиот репрезентативец блеска во шкотската Премиер лига, игра во извонредна форма и има петнаесет погодоци, па јасно е дека привлече внимание. Според пишувањата на „Fotospor.com“, Бешикташ испратил понуда од 1,8 милиони евра за услугите на штипјанецот, плус одредени бонуси и процент од евентуална следна продажба.
Сепак, Абердин глатко ја одби понудата и не сака така лесно да се откаже од услугите на Миовски. 23-годишниот Македонец игра на врвно ниво во Шкотска, а јасно е дека доколку продолжи така, понудите нема да изостанат и на Абердин ќе му биде сè потешко да го задржи.
Инаку, во текот на вчерашниот ден се појавија и шпекулации дека за Миовски се интересира и англискиот премиерлигаш Саутемптон.