ВИДЕО: Абдурахими двоен стрелец против АЕК на Тричко на Кипар

Малку подзаборавениот фудбалер и поранешен репрезентативец на Македонија, Бесарт Абдурахими, одигра одличен меч за екипата на Пафос во кипарскиот „плеј-оф“ за титулата. На мечот против АЕК Ларнака на Иван Тричковски, Абдурахими постигна два гола и даде огромен придонес во триумфот на својот тим. 

Абдурахими игра за Пафос како позајмен фудбалер од тимот на Хлорака (исто така од Кипар), а сезонава досега успеа да постигне вкупно шест голови, од кои два во денешниот меч против АЕК кој Пафос го доби со убедливи 4-0. 32-годишниот Абдурахими е во солиден моментум периодов и својата добра форма ја потврди со денешниот учинок. 

Пафос е сега на четвртото место со 55 бодови, додека АЕК Ларнака е на третото место и има три бодови повеќе. Бесарт Абдурахими ги постигна головите во првиот дел, поточно во 10. и 23. минута, а на теренот беше до 62. минута кога беше заменет. Бесарт Абдурахими во кариерата настапуваше за клубови како Локерен, Шкендија, Хермандштад, словенечки Браво и Рудеш, НК Загреб и други.

Фудбалерот со македонско и хрватско државјанство во минатото одигра дванаесет официјални мечеви за македонската фудбалска репрезентација. На теренот имаше уште еден поранешен македонски репрезентативец, а тоа беше легендарниот Иван Тричковски кој го одигра целиот меч за АЕК Ларнака.