ВИДЕО: Абази ја продолжи гол-серијата, но надежите ремизираа со Ерменија

Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година одигра без победник во првиот од двата планирани контролни натпревари во јунскиот ФИФА-прозорец. Момците на Драги Канатларовски одлично отворија имаа и водство, но во вториот дел потфрлија и одиграа само 1-1 против соодветната селекција на Ерменија.

Дуелот во Скопје започна без поголемо возбудување на стартот. Се играше на средината на теренот, а голманите речиси и да немаа никава работа. Но, така беше сè до 30. минута, кога Максимов одлично проби по десната страна, стигна до гол-аут линијата и испрати прецизен центаршут по земја, на кој налета Абази и ја „заби“ топката во противничката мрежа, за водство на Македонија од 1-0.

За младиот напаѓач ова беше четврти погодок во дресот на У21 националниот тим. До крајот на првиот дел Ерменците имаа неколку прилики за израмнување, а еднаш ја погодија и пречката.

По паузата нашиот селектор Канатларовски направи дури шест замени во својот состав, а тоа веднаш се одрази на резултатот. Се играше 53. минута кога нововлезениот Калукјан го совлада нашиот голман Василев и израмни на 1-1. 

Во продолжение, Ерменците диктираа темпо и беа поблиску до прво водство, но нашата одбрана не дозволи уште еден примен гол и извлече реми од оваа средба. Во самиот финиш малку фалеше и да славиме победа, но Ване Крстевски од изгледна позиција не успеа да го совлада гостинскиот голман. Инаку, Канатларовски го оствари она што го вети за време на подготовките, кога рече дека шанса ќе им даде на сите фудбалери, па така Македонија натпреварот го заврши со комплетно изменет состав од почетниот.

Нашите надежи за пет дена ќе одиграат уште еден контролен натпревар, овој пат против соодветната селекција на Малта.