41 даден и само 3 примени, 11 бода пред Селтик: Ренџерс на Стиви Џи игра моќно!

Ако по утрото, денот се познава, тогаш Шкотска ќе добие нов фудбалски шампион. Цели девет години Селтик е неприкосновен во Премиершип, но се чини дека конечно дојде крајот на доминацијата на „зелените“.

Најтрофејниот фудбалски клуб на планетата Глазгов Ренџерс полека, но сигурно се враќа на голема врата во шкотскиот фудбал. „Ренџерите“ оваа сезона играат како од бајка, а доколку продолжат во ист стил нема сомнение дека по една деценија повторно ќе бидат крунисани за шампиони на Шкотска.

По петнаесет одиграни кола во шампионатот, Ренџерс сè уште е без пораз, со скор од 13 победи и две реми средби, но она што го прави уште помоќен е неверојатната гол-разлика од 41 постигнат погодок и само три примени. Момците на Џерард го добија првото дерби на гости кај Селтик (0-2), а во последните две кола дадоа дури 12 голови, без ниту еден примен. Триумфот против Хамилтон од неверојатни 8-0 и победата од 4-0 над Абердин, пред и по паузата даваат причини за радост и надеж меѓу фановите. 

Мора да се призне, доколку Стиви Џи ја исполни мисијата до крај и со Ренџерс стане шампион по играњето во најнизок ранг, навистина ова ќе биде фудбалска приказна за учебниците.