19-годишниот српски „џин“ од Леванте е најновото засилување на Црвена Звезда! 

Српскиот шампион Црвена Звезда ова лето беше многу активен на трансфер-пазарот, доведе неколку одлични фудбалери, а откако по вторпат во низа обезбеди Лига на шампиони се реши да пазари од Англија и го договори членот на Хадерсфилд Дела Пара. 

Но, „црвено-белите“ мислат и на иднината, откако шпански медиум објави фотографија како младиот Урош Миловановиќ става потпис на договор со српскиот гигант. Се работи за млад 19-годишен напаѓач, кој е висок 190 сантиметри, а во Белград доаѓа од редовите на Леванте, каде настапуваше во последната сезона. 

Но, младиот српски „џин“ ќе мора да почека на своето деби во новиот клуб, затоа што наводно веднаш ќе биде пратен на позајмица во филијалата на Црвена Звезда, Графичар. 

Миловановиќ својата кариера ја започна во ОФК Београд, од каде минатото лето се пресели во Леванте, но по една година се реши да се врати во српскиот фудбал.