ВИДЕО: 16-годишниот Фати испиша историја, но Барса пак киксна во Примера!

По убедливата победа над Бетис во претходното коло, фудбалерите на Барселона забележаа нов кикс во Примера, откако во рамките на третото коло на шпанскиот шампионат одиграа само 2-2 на гости кај Осасуна. И на овој меч каталонскиот гигант беше видно ослабен со неиграњето на Меси, Суарез и Дембеле, а Антоан Гризман по блесокот против Бетис и двата гола, денес беше непрепознатлив на теренот.  

  • Извештај од натпреварот: 

И во третиот овосезонски натпревар, шампионот мораше да брка негатива. Во седмата минута од мечот по една одлична тимска акција, Осасуна го отвори резултатот, а Тер Штеген беше немоќен при силниот волеј-удар на Торес (1-0). 

Разнишаните фудбалери на Барса и покрај негативата беше непрепознатлива во Памплона. Топката беше во нивен посед, но без ниту една конкретна акција или поголема закана кон домашниот гол. На спротивната страна, Осасуна мудро го чуваше резултатот, играше дефанзивно, но организирано и навремено ги сопре сите налети на фаворитот во првиот дел. 

По лошите први 45 минути, Валверде се реши да ја освежи офанзивата и на местото на Семедо, во игра го внесе младиот Ансуман Фати, кој веднаш блесна и во 51. минута со прекрасен удар со глава го израмни резултатот (1-1). Со овој погодок, Фати испиша историја и со 16 години и 304 дена стана најмладиот стрелец на Барселона во историјата на Примера. 

Искусниот стратег на клупата на Каталонците повлече нов потег од клупата, и истиот повторно се покажа како полн-погодок. Во 64. минута нововлезениот Артур, на асистенција на Перез, ги замолкна домашните фанови и го комплетира пресвртот на Барселона (1-2). 

Сепак, шареноликата Барса не успае да го сочува водството и на крај мораше да се задоволи само со реми од ова гостување, откако Торес беше прецизен од 11 метри и во 81. минута ги постави конечните 2-2. На пеналот му претходеше игра со рака на Пике.

Колосална шанса за победа на првакот имаше Перез, кој излезе сам пред домашниот голман во 89. минута, но се сплетка и шансата пропадна.