Европскиот и македонски ракометен првак Вардар со пораз од Монпелје (27-31) ја заврши групната фаза во Лигата на шампионите и во осминафиналето патува од шестата позиција на табелата. „Црвено-црните“ можеа да се носат едно полувреме со противникот, но краткиот ростер го направи своето. Тешко беше да се игра меч од Лигата на шампионите од таков висок ритам со само осум искусни ракометари кои го понесоа целиот товар, а Монпелје имаше долга клупа и го користеше уморот на Вардар, посебно во вториот дел од второто полувреме. Вардар во осминафиналето на Лигата на шампионите ќе игра против ПИК Сегед или ПСЖ, а противникот ќе биде допрва познат.