Ракометарите на Тиквеш не успеаја да приредат уште една сензација во плеј-офот во Суперлигата. По херојскиот триумф над Вардар 1961 пред две кола, вечерва кавадарчани останаа без сили против шампионот Еурофарм Пелистер (21-24), но дербито во „Јасмин“ беше одбележано по несекојдневната фотографија пред стартот на натпреварот. На трибините во кавадаречката сала двете навивачки групи „Лозари“ и „Чкембари“ заеднички навиваа, а гостинските ракометари и стручниот штаб на терен истрчаа со маички во знак на поддршка на повредениот Ненад Костески, кој поради тешка повреда предвреме го заврши шампионатот. „Ненад – со тебе сме“ пишуваше на маичките кои што ги носеа пелистерци.