Во убав амбиент, Вардар го пречека Силекс во Скопје и натпреварот заврши со победа на гостите од Кратово во самиот финиш (0-1) кој го одбележа драма и неверојатен погодок кој беше поништен, па признат и вредеше три бода за избраниците на Александар Васоски. Уште едно коло во ПМФЛ по кое ќе има доста полемики. Прашина крена признатиот гол на кратовчани и за него треба да се направи сериозна анализа. А, и уште еднаш да се размисли за итна имплементација на ВАР-технологијата во македонскиот фудбал, затоа што грешките се се почести од коло во коло. Како и да е, Вардар остана со празни раце, трите бода одат во Кратово, што е добра вест за Васоски, а лоша вест за Захариевски пред следното коло.