Долго најавуваниот меч на МЗТ Скопје и Куманово не донесе дерби надигрување како што најавуваа гостите. Можеби не беше целосно нерамноправен дуел како мечот со Кожув во петокот, но „штрковите“ пак беа пресилни за противникот. Надмудрувањето на бившите соработници Јончевски и Србиновски, пцовките за Урош Луковиќ, нервозата на теренот беа само вообичаен декор, но преголем квалитет во мечот немаше. МЗТ Скопје слави со 79-71 и продолжува да доминира со мак-кошарката. Сите останати делуваат и натаму многу далечни.