Во прекрасен амбиент, пред илјада љубители на ракометот, меѓу нив и две навивачки групи, Охрид со победа во Битола го започна плеј-офот на Суперлигата. Екипата на Горан Андоновски водеше скоро шеесет минути и делуваше искусно и позрело од подновениот тим на Еурофарм Пелистер. Финалните 23-26 (11-14) им носат златни бодови на гостите, а на пелистерци не им помогнаа ниту засилувањата Стоилевски и Маџовски. Најефикасен кај Еурофарм Пелистер 2 беше Стоилевски со осум гола, додека кај Охрид се истакнаа Цирар и Дрогришки со по седум погодоци. Натпреварот одлично го водеа најдобрите светски судии, Николов и Начевски.