Шампионскиот карактер на МЗТ Скопје уште еднаш исплива на површина, овојпат во Битола во финалето на Купот „Благоја Георгиевски Буштур“ против Пелистер (62-60). Иако во клучните моменти аеродромци останаа без браќата Стојановски, останатите играчи презедоа одговорност и го поведоа тимот до својот 12. трофеј во Купот. Така, наместо битолско славје на завршниот турнир пред полните трибини во „Боро Чурлевски“, мак-кошарката виде „дежа ву“. МЗТ со оваа победа стана најтрофеен клуб во историјата по осамостојувањето. „Штрковите“ го освоија својот 28. трофеј (10 првенствени, 12 во Купот, пет во Суперкупот). Со тоа, падна „митот за најтрофејниот“ Работнички кој сега гледа во грб на градскиот ривал (15 првенствени трофеи, 10 во Купот, два во Суперкупот).