Кошаркарската репрезентација на Македонија останува без победа во квалификациите за Светското првенство (СП) кое се игра во 2023 година. Нашиот национален тим со бројни промени и без селекторот Драган Бајиќ (позитивен на ковид-19) потклекна пред Грузија (65-79), вторпат во овој ФИБА-прозорец. Подмладената селекција не се посрамоти. Се бореше до крајот и беше рамноправна со искусниот ривал во чии редови блескаа ѕвездите со европско искуство Гиорги Шермандини и Тадеус Мекфејден. Ова беше втора победа за Грузијците над Македонија, по онаа во Тбилиси во претходната рунда. Вкупно, Македонија го почувствува четвртиот пораз во четвртата средба. Следниот меч според календарот е во месец јули на гости во Шпанија.