Битолски Пелистер денеска слави три јубилеја – 80 години од постоењето на клубот, 40 години од навивачката група „Чкембари“ и 50 години од „златната“ генерација на клубот која што го направи најголемиот успех и за првпат заигра во Втората југословенска лига. Пред ревијалниот меч со Динамо Букурешт, се одржа свечена церемонија на која клубот ги одликува своите легенди. На церемонијата во Офицерскиот дом во Битола, некогашните асови на Пелистер, Петар Упалевски и Спасе Ристевски добија Награда за кариера. Од поновото време, признанија добија Драганчо Димитровски, најдобриот стрелец на Пелистер во ПМФЛ, како и Бруно Пресилски кој е стрелец на првиот гол за „зелените“ во елитата.






















