Македонскиот прволигаш во женска конкуренција, екипата на ЖРК Куманово, дојде до трофеј на домашно тло и во финалето на Ф4-турнирот во Купот на Македонија беше поуспешен од ЖРК Вардар (24-22). Далеку постариот противник го доби мечот на искуство и дојде до прв трофеј во своите витрини. Тинејџерките на Вардар дадоа отпор, но во финишот како да загубија здив и не реализираа напад за реми, па му дозволија на ривалот да слави пред својата публика. Како и да е, младиот тим не се посрамоти и покажа дека во својот тим има „ѕвездички“, кои допрва ќе блеснат.