Фудбалската селекција на Македонија по мартовската победа на стартот од квалификациите против Малта, одигра јунски натпревари за заборав. Прво во Скопје прокоцка водство од 2-0 против Украина и загуби со 2-3, а вечерва доживеа дебакл на „Олд Трафорд“ и пораз од фаворитот Англија од 7-0, највисок во нашата историја кога се работи за еден квалификациски натпревар. Македонија на терен не личеше на себе и одигра далеку под очекуваното, а резултатот од тоа е тежок пораз со седум примени гола, но и нула шутеви кон противничкиот гол и ниту една создадена прилика да се загрози ривалот. Овој неуспех нека биде поука за нашата селекција како не треба да се пристапи против една вака голема селекција, а дали тоа ќе го научиме ќе почекаме до септември, кога ќе се сретнеме со Италија.