Поразот од 3-1 во ноември во Кратово е една од причините заради кои Шкендија доцни пет бода зад Вардар. Сега тетовските „црвено-црни“ одговорија со иста мерка и со 3-1 го совладаа кратовскиот прволигаш на „Чаир“. Нема дилеми дека Бесарт Ибраими е врвен стрелец и Шкендија направи полн погодок кога го врати во своите редови. Со манир на голем стрелец постигна три гола на денешниот меч и испрати порака и до лидерот Вардар, а можеби и до селекторот Ангеловски. Посебно ефектно погодува од слободните удари. Шкендија за промена прими гол, што е само втор во нивната мрежа оваа пролет.






























