Екипата на Металург иако без тренинзи и еден куп проблеми успеа да забележи нова победа во Суперлигата. Тимот од Автокоманда славеше кај Пролет (29-30) и дојде до значајни три бода во борбата за подобар пласман во македонската елита. Иван Марковски и играчите немаа тренинзи цела недела. Штрајкуваа, не работеа како што е предвидено, но и покрај тоа победија кај Пролет кој важи за еден од кандидатите за пласман во еврокуповите. Иако со само десет ракометари, плус двајца голмани, Металург успеа да победи на незгодното гостување, па овој триумф е џиновски и е рамен на чудо. Прва виолина кај Металург беше расположениот Златко Хорват со дванаесет гола, пред Халил Озтурк со седум реализации.