Екипата на Еурофарм Пелистер со изненадувачки пораз ја отвори Европската лига на ЕХФ. Битолчани пред својата публика загубија од Логроњо Ла Риоха (24-31), шпанскиот ривал кој важеше за аутсајдер на хартија пред стартот на мечот. „Зелените“ на Червар одиграа катастрофален натпревар во кој ништо не им одеше и заслужено бодовите патуваат за Шпанија. Ла Риоха на последните гостувања во Македонија губеше и од Алкалоид и од Металург во Европската лига на ЕХФ и во Лигата на шампионите, па овој триумф во домот на вицепрвакот е прв на македонско тло за екипата од АСОБАЛ. Горчлив роденден имаа „Чкембарите“ кои прославија 41 година постоење, а пелистерци добија предупредување и од навивачите и од клубот дека вакви изданија во иднина, нема да се толерираат.



















































