Македонскиот фудбалски првак Вардар со пораз се врати во Лигата на шампионите. Нашиот претставник во елитното друштво на првиот натпревар загуби од фински КуПС во Скопје (0-2) и на реваншот на гостински терен во Куопио ќе му биде потребен подвиг за пласман во следната рунда. Најтрофејниот македонски тим пред околу 4.000 гледачи доживеа пораз со примени голови во првото и во второто полувреме заради сопствени грешки во последната линија и според актуелната ситуација гледа кон преселба во Конференциската лига на УЕФА. Доколку Вардар испадне од ЛШ, поблизу е до дуел со Рига од Летонија во КЛ, која загуби од Арарат на првиот меч (0-2).










































