Ракометната репрезентација на Македонија загуби на домашен терен од Португалија (23-29) во рамки на квалификациите за Европското првенство (ЕП) и така го доживеа првиот пораз пред домашната публика во СЦ „Борис Трајковски“ од 2015 година кога последен пат потклекна пред големиот фаворит Франција во квалификациски циклус. Избраниците на Кирил Лазаров одиграа допадлив натпревар, му покажаа заби на големиот фаворит и иако подмладени, беа близу резултатски до противникот во текот на речиси целиот натпревар во Скопје. Сепак, црните минути во кои се примија четири гола во низа на десет минути пред крајот го сторија своето и така се почувствува прв пораз на патот кон ЕП 2024 по врзаните победи над Турција и Луксембург. Шанса за реванш ракометарите ќе имаат во следните денови, кога гостуваат кај Португалците.