• Горан Упале
Младите кик-боксери на Македонија забележаа неверојатен успех на штотуку завршеното Светско јуниорско првенство во кик-бокс во Унгарија. Од планетарниот собир во Будимпешта се закитивме со два златни и еден сребрен медал.
По тој повод нашите репрезентативци беа на прием во Владата на Македонија, каде добија честитки и поздрави од премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Рисковски.
„Денеска со голема гордост ги пречекавме нашите млади спортски херои од македонската Кик бокс маи таи федерација, кои освоија две златни и еден сребрен медал на Светското јуниорско ВАКО првенство што се одржа во Унгарија од 24 до 31 август 2024 година. Нивната посветеност, напор и борбен дух се инспирација за сите нас и покажуваат дека соништата можат да се остварат со многу труд и желба. Сите заедно сме горди на вас и ви посакуваме уште многу победи и успеси на светската сцена! Македонија е со вас, момци и девојки“, напиша премиерот на социјалните мрежи.
Инаку, нови светски шампиони се Силвио Мировски и Марија Димовска, додека со сребро се врати Лука Змејковски.