• Мартин Танасковски
Македонската олимпијка Миљана Рељиќ беше хит во медиумите поради нејзината победа над двократната олимписка шампионка Џејд Џонс. 21-годишната девојка како аутсајдер влезе во овој меч, но со еден удар во главата ја доби третата рунда во мечот и славеше голема победа.
Спортска Македонија беше во еуфорија поради успехот на Рељиќ, која подоцна во следната рунда испадна од Либанката Аун за еден поен, ама заврши меѓу најдобрите осум на ЛОИ. Но, знаете ли со какви предизвици се соочуваше младата девојка на патот кон Париз. Немаше сала за тренинг и немаше помош од државата. Па дури и без тоа, Рељиќ ја победи двократната олимписка шампионка во теквондо и медалистка со 36 одличја од кои 19 се златни која целиот живот го посвети на теквондото и од Велика Британија има врвни услови за тренинг.
„Веќе една недела сме без сала за подготовки. И покрај упатените повици до надлежните институции, Миљана се уште нема можност да ја користи салата за подготовки за овој значаен светски спортски настан. Во салата каде што тренираме веќе 15 години, имаме професионална таеквондо опрема во вредност од над 10.000 евра и е значајно за подготовките, немаме можност да вежбаме поради летниот распуст на училиштата. Надлежните во основното училиште „Наум Наумовски – Борче“ од Маџари не дозволуваат да ја користиме салата.
Поразително е да имаме олимписка надеж, која има шанси да донесе медал од Олимписки игри, а спортските сали да седат заклучени преку цело лето. Ние ќе се бориме, ќе дадеме се од себе да донесеме медал од Олимписките игри во Париз и покрај тоа што немаме сала за тренирање. Оваа година, се уште, немаме добиено ниту денар од ниту една државна институција, ниту поддршка од приватни компании. Затоа, најголем дел од натпреварите и семинарите ги покриваме од лични средства“, кажа непосредно пред патувањето за Франција, тренерот на Рељиќ, Александар Ефтимов.
Поради проблемот, Рељиќ и нејзиниот тренер беа принудени да бараат слободни термини во другите сали кои, според Ефтимов, беа далеку под квалитетот за подготовка за олимписка норма.
Миљана Релиќ е актуелна европска клупска шампионка, на последните девет Г1 турнири има освоено седум медали. Успехот на ЛОИ треба да биде мотив и поттик за државата да овозможи услови за спортистите. Новото Министерство за спорт предводено од Борко Ристовски најави реформи на спортот, па да се надеваме дека и овие боречки спортови преку кои Македонија може да дојде до олимписки медал ќе го добијат местото под ова небо.
Теквондото го донесе последниот медал за Македонија на ЛОИ, кога во Токио, Дејан Георгиевски го освои среброто.