• Мартин Танасковски
Македонската теквондистка Мила Релиќ за првпат настапи на Летните Олимписки Игри (ЛОИ) и на дебито заврши меѓу најдобрите осум. Таа мина едно коло, ја победи двократната олимписка шампионка Џонс од Велика Британија, но во следната рунда загуби за еден поен од Либанката Аун.
21-годишната Рељиќ ги сподели импресиите по настапот и кажа дека е задоволна од она кое го постигнала на овој турнир.
„Уште сум под импресии од настапот на Летните Олимписки Игри, ги завршив борбите, во првата битка се сретнав со двократната олимписка шампионка, но влегов храбро и сконцентрирано и немав никаков стрес и притисок од нејзините успеси. Со тренерот смисливме добра техника и на крајот победивме. Во втората борба за жал доживеав тесен пораз. Борбата беше израмнета, но ми фалеше и малку спортска среќа. Се надевам дека тука нема да застанам, туку ќе продолжам кон нови спортски успеси“, изјави Рељиќ.
Слично размислува и нејзиниот тренер Александар Ефтимов.
„Се враќаме со успех од Летните Олимписки Игри. Дадовме се од себе за да претставиме Македонија во најдобро можно светло. Во првата борба се боревме со нашиот идол Џонс, успеавме да ја победиме иако имаше таа поголемо искуство од нас. Штета што во втората борба одлучуваа нијанси и загубивме тесно на патот кон полуфинале. Но, таков е спортот, ние дадовме се од себе. Не освоивме медал, но според она кое го гледам кај медиумите и народот ја обединивме Македонија“, изјави Ефтимов.
Милијана е актуелна европска клупска шампионка, на последните 9 Г1 турнири има освоено 7 медали. Настапот за неа на овие Летните Олимписки Игри беше прв, но ако продолжи со ваков ритам сигурно дека нема да е и последен.