Отворена изложбата „45 години творештво во боречките вештини“ на Ѓуро Илиќ

Синоќа во свечената сала на Офицерскиот дом во Битола беше отворена изложбата „45 години творештво на Ѓуро Илиќ во боречките вештини, пред голем број на негови ученици, поранешни и сегашни, мајстори на боречките спортови, пријатели, соработници… почитувачи не неговото дело.

Ѓуро Илиќ е дипломиран правник, со џудо се занимава од 1969 година, во 1976 година станува носител на Црн појас, џудо мајстор 1 Дан. Во 1986 е првиот Аикидо мајстор и е основопочожник на аикидо, а подоцна и реалното аикидо. Од 1975 е тренер на џудо клубот Пелистер 0д Битола. Раководел со 35 џудо и аикидо школи од државен и меѓународен карактер. Во овој период околу 7.000 ученици од Битола биле оспособувани под негово стручно раководство, а голем број од нив постигнале значајни резултати, претставувајки ги клубовите на државно и меѓународно ниво. Денес е носител на највисоки звања во нашата држава и регионот и тоа: џудо мајстор 7 Дан (доделен од United States Judo Rank Association-USA ), Р. Аикидо мајстор 8 Дан (доделен од World Centre of Real Aikido) и Џиу Џицу мајстор 8 Дан (доделен од All Japan Budo Association-Japan).Доајенот на битолското новинарство, Димче Миновски, близок пријател на Илиќ спомена дека тој е автор на околу 30-тина публикации, книги, образовни видео и DVD изданија и списанија од областа на боречките вештини и спортови.

Првата брошура во два дела по наслов „Џудо и Гошин џицу” ја објавува во 1977. Првата книга за џудо во Македонија ја објавува 1984. Првата видео касета со наслов “Џудо спорт самоодбрана рекреација“ ја објавува 1989. Првата ревија за боречки спортови вештини под наслов “Црн појас “на македонски и англиски јазик ја објавува 2001. Во 2007 година е избран за единствен претаставник од нашата држава во Европската куќа на славните за боречките вештини.-Ѓуро Илиќ го запознав пред 45 години, колку славиме и денес за него. Беше пргаво момче, со долга коса и делеше од останатите. Тогаш реков дека ќе направи многу, а денес ме радува тоа што тоа и се оствари, а она што го има направено и го остава зад себе е огромно богатсво за нас и за генерациите кои доаѓаат.

Промоторот на изложбата проф. д-р Златко Жоглев, редовен професор на Педагошкиот факултет и носител на црн појас во карате, на почетокот на своето излагање Илиќ го нарече Шихан, учител над учителите и продолжи:

„Вечерва сме собрани овде за да му оддадема почест на еден извонреден човек, Шихан Ѓуро Илиќ. А кој е Ѓуро Илиќ? На тоа прашање е тешко да се одговори едноставно и кратко, а за тоа имавме прилика да чуеме од почитуваниот Миновски. Не е за занемарување воспитно-образовното влијание што Шихан Ѓуро Илиќ го извршил врз своите ученици. Мудрец е човек кој го држи факелот во своите раце и на другите им го осветлува патот. Просветлениот човек самиот станува факел и им помага на другите да одат напред по осветлен пат. Гуру „растерувач на темнината“, е учител и мудрец кој на другите им помага да дојдат до вистината. Шихан Ѓуро Илиќ со се’ што направил досега во боречките спортови и во македонското општество, сосема заслужено може да ги носи епитетите „гуру“ , „мудрец“, па дури и „про светлен човек“. Затоа, тој е еден од првите кој добил заслужено место во Европската куќа на славните за боречки вештини (после браќата Илија и Владимир Јорга и Љубомир Врачаревиќ) од 2007 година“.

Изложбата за отворена ја прогласи градоначалникот на Битола, д-р Тони Коњановски, кој уште еднаш нагласи дека се работи за извонреден битолчанец, пример за младите и човек кој оставил и досега трага со своето делување на спортски професионален и човечки план.Илиќ на обраќањето на присутните ја повтори мислата на Џигоро Кано, која била водилка во неговиот развој, но и насока која им ја пренесувал на неговите ученици, а таа е: Не е важно да се подобар од некој друг, туку да се биде подобар од вчера.На изложбата на 20 паноа е претставено целокупното творештво на Ѓуро Илич, а испечате по тој повод и брошура која ја добија сите присутни. Изложбата е дел од програмата на Општина Битола по повод 4 ноември, Денот на ослободувањето на градот.