Мила Рељиќ не успеа, во тесна борба елиминирана во четвртфиналето на ОИ!

Македонската олимпијка Милјана Рељиќ загуби во четвртфиналната борба на теквондо турнирот на Олимписките игри од Летисија Ајун со 2-0 во рунди. Нашата претставничка беше апсолутно израмнета во техниката, работата во рингот и борбата. За жал, во тесен финиш ја загуби првата рунда, а потоа во втората заврши нерешено и Либанката ја доби поради удар во глава.

Првата рунда од борбата беше израмнета, нашата теквондистка беше поактивна на стартот, но за жал ривалката прва дојде до поени и поведе со 2-0. Рељиќ беше доста близу при еден удар во главата, судијката не го забележа, а тренерот побара видео преглед. За тоа нашата олимпијка доби три поени и поведе 2-3. До крајот на рундата двете теквондистки си разменија доста удари, а Либанката со 9-8 дојде до водство од 1-0. 

Во продолжението се влезе пак претпазливо и по една минута беше 1-1. Тогаш противничката имаше удар во глава и поведе со 4-1, а Рељиќ одговори со удар во тело за 4-3. Ајун удри уште еднаш и поведе со 6-4 на влезот во последните 30 секунди. Македонката нападна и успеа да изведе удар за 6-6. Иако успеа да израмни, поради удар во главата Либанката ја доби и втората рунда, па со 2-0 се пласира во полуфиналето. 

  • Крајот на четвртфиналната борба:

За жал младата наша олимпијка беше елиминирана и го заврши патот на Олимписките игри во Париз. Противничката Ајун во полуфиналето оди на мегдан со светската шампионка Нахид Киани. Во случај Либанката да приреди изненадување и да се пласира во финалето, тоа би ја повлекло и Рељиќ во репасажот и битката за бронза.