• Саше Љолес

Македонскиот каратист Матеј Белистојаноски оствари огромен успех на Медитеранските игри во Таранто, освојувајќи го златниот медал во категоријата до 67 килограми. За Македонија ова е прво златно одличје на овие Игри, а Белистојаноски до него стигна на импресивен начин.
Во финалната борба македонскиот репрезентативец беше убедлив против Хрватот Боран Берак, кого го совлада со високи 6-0.
Белистојаноски запиша четири победи во низа и во ниту една од нив не остави простор за дилеми. Во полуфиналето беше подобар од Гркот Балиотис со 5-1, додека претходно во четвртфиналето го совлада Италијанецот Мареска со 2-0.
Патот до финалето го започна со убедлива победа во осминафиналето, каде што славеше над Сириецот Алмасалмех со 6-1.
Со четири победи и импресивни настапи, Белистојаноски заслужено се закити со златниот медал и го испиша своето име во историјата на македонскиот спорт.