Димовска: Предрасудите не ме откажаа од сонот, кик-боксот ми е животна лекција!

„Нашите идни шампиони“ продолжува со нова серија приказни за младите спортисти кои ја градат иднината на македонскиот спорт. Powerade и Gol.mk повторно им даваат простор на оние кои допрва треба да го кажат своето име на големата сцена.

Во второто издание на оваа кампања, запознаваме осум перспективни македонски спортисти, млади луѓе кои секојдневно тренираат, се жртвуваат и растат низ спортот. Преку нивните лични приказни, откриваме и дел од спортскиот живот невидлив за публиката: поддршката од семејството, влијанието на тренерите, борбата до првите успеси, соништата и предизвиците на патот кон врвот.

Со оваа кампања, Powerade продолжува да ја истакнува важноста на вистинската поддршка во најсензитивните години од развојот на еден спортист. Затоа, следете ја новата генерација која доаѓа и бидете сигурни дека македонскиот спорт има светла иднина.

Во најновото интервју, Ви ja претставуваме Марија Димовска (17), македонска репрезентативка во кик-бокс, државна шампионка и спортитска на годината на Град Битола, освојувачка на златен медал на јуниорското Светско првенство 2024 и бронза на Европско првенство 2025 година. Марија е девојка родена во 2008 година, а зачекорила во светот на кик-бокс благодарение на нејзиниот татко, кој исто така се занимавал со овој спорт во минатото.

„Татко ми Александар Димовски е кик-боксер цел живот, во 2016 година тој отвори клуб и се знаеше дека и јас ќе почнам да тренирам таму. Татко ми ми беше мотивација во секој поглед, како личност и карактер. Знаев дека телото и умот го гради преку спортот, јас продолжив по неговиот пат. Сум се занимавала претходно како мала со други спортови, како што се гимнастика и зумба, но останав во кик-боксот од моите осум години“, започна Димовска во интервјуто.

Младата македонска спортистка ни раскажа како е да се биде кик-боксер, што е најважно да се поседува за да се биде успешен во овој спорт, како и за тоа дали има некој ритуал пред борбите во рингот.

„Како спортист, мојата рутина е од сабајле да одработам добар тренинг, потоа да одморам, исто ја следам правилната исхрана, малку ретки се вечерните дружби, затоа што фокусот е да се изградиме како силни спортисти. Нема поделба на физичка или психичка спремност во овој спорт, сè е важно генерално во боречките спортови, некои работи не можат едни без други, но, еве, според мене, многу важна ми е менталната подготовка. Некој во рингот знае да биде физички поспремен, но ако нема правилен менталитет и психички ако не е добро спремен, лесно може да го победиш. Мора психички да си јак да бидеш дел од боречките спортови. Како кик-боксер, немам некој посебен ритуал за натпреварите, единствено си носам едно ланче со крст кое ми е подарок од мојот татко“, ни раскажа Димовска.

Димовска истакна дека како девојка во рингот често се соочувала со предрасуди, но никогаш не ги слушала и останала глува на нив. Продолжила да го следи својот сон, иако ѝ сугерирале дека кик-боксот не ѝ е потребен и дека треба да побара друг „понежен“ спорт.

„Лично како девојка со предрасуди сум се соочувала многу од околината и се соочувам сè уште. Ми велеа „што ќе ти е тебе кик-бокс, девојче си, најди нешто друго, некој понежен спорт“ и слични работи, но ниту еднаш не сум помислила да се откажам. Најголема жртва сум дала за овој спорт со тоа што двапати го имам оперирано коленото. Најголемата жртва генерално за спортот ми се тие повреди. Оперирав и лигамент, но се вратив брзо, не можев да замислам да бидам надвор од рингот долго време“, додаде младата спортистка.

Битолчанката вели дека посебно е чувството кога се претставува Македонија на меѓународната сцена и кога ќе ја чуеш химната со медалот на гради, тоа чувство е неописливо.

„Кога ја претставувам Македонија, тоа е нешто посебно. Чувството е неописливо кога ќе направиш еден голем успех и сите ќе слушаат и зборуваат за тебе и ќе ти честитаат за оствареното. Посебно чувство имав по освоеното Светското првенство во 2024 година. Немам зборови да го опишам тоа, радост, еуфорија, солзи, интервјуа... минав низ многу убав период како спортист и бев посебно горда на тоа“, вели спортистката.

За да бидеш успешен кик-боксер, според Димовска, најважни се финансиите и местата на кои ќе можеш да тренираш и да се оформиш како спортист.

„Поддршката е најважна во овој спорт. Во моментов, таа не е голема од институциите, но претседателот на федерацијата Дејан Митровски - Урко секогаш е зад нас и ни овозможува многу работи за да имаме резултати. За боречките спортови, многу важни се финансиите, за да се има квалитетни подготовки, квалитетни натпревари и меѓународни турнири. Како репрезентација исто треба да ни помогне и државата за поголеми успеси, сепак, во боречките спортови се освоиле и се освојуваат многу медали“, е ставот на младата спортистка.

Во продолжение од интервјуто, Димовска ни раскажа каква е таа во рингот и надвор од него. Некое посебно хоби нема, а по тежок натпревар и тренинг, сака мир и одмор.

„Не сум многу различна личност внатре во рингот и надвор од него. Силен карактер сум, што и да замислам ќе го направам. Некое посебно хоби надвор од кик-боксот немам, вложувам сè од себе за резултатите. По напорен тренинг или натпревар сакам да си седам дома во тишина, или да одмарам во ладна вода. Понекогаш и друштвото ми е околина за релаксирање“, истакна кик-боксерката.

Најголема гордост на Димовска се медалите кои ги освоила на големите натпреварувања. Не сакаше да издвои кои ѝ е најзначаен медал, сите ги сака идентично, а најмногу горда е на себе затоа што успесите ги остварила по неколку операции.

„Посебно драг ми е успехот на Светскиот куп во 2024 година пред настапот на Светското првенство, освоив злато, а тоа беше првпат некој од нашата држава да го освои тој куп. Многу бев горда на тој момент. Исто така и настапот на Европското првенство во 2025 година, иако не го освоив златниот медал, завршив на третото место, но тој успех дојде пет месеци по тешка операција и сум многу горда што можев да учествувам по толку сериозна повреда“, раскажа таа.

Следен голем предизвик кон кој Димовска гледа е Светското првенство, а потоа и сениорското Европско првенство кое ќе се одржи во Македонија, а таа тогаш ќе биде полнолетна и ќе атакува на медал.

„Во септември сега ни следи пак настап на едно Светско првенство, се спремаме за тоа. Исто така, со нетрпение го очекувам и сениорското Европско првенство, посебен момент ќе биде тој настан, затоа што ќе се одржува пред нашата публика во Скопје. Ќе имам тогаш 18 години, се надевам дека ќе го освојам еден ден тоа и да продолжиме професионално понатаму, па да стекнам некое поголемо искуство. Од боречките спортови, фокусирана сум само на кик-боксот, не размислувам за останатите“, вели Македонката.

Кик-боксот на Димовска ѝ дал многу животни лекции, а на крајот таа испрати и моќна порака до сите девојки кои се бават со боречките спортови.

„Најголемата животна лекција која ми ја даде кик-боксот е дека никогаш ништо нема да е фер и лесно, но дека мора да одиш само напред и да се бориш. За девојките кои се бават со боречките спортови, мојата порака е дека тие никогаш не смее да се откажат од работите кои ги сакаат заради мислењето на некој друг. Не слушајте ги другите, бавете се со она кое го сакате и кое ве исполнува. Никој не смее да ви застане на патот кон вашите соништа“, заврши Димовска.