АМС му додели стипендија на бронзениот Владимир Егоров

Освојувачот на бронзениот медал од последното Европско првенство во борење, Владимир Егоров доби стипендија од светска категорија според Правилникот за категоризација на спортисти.

Егоров доби прием во Агенцијата за млади и спорт (АМС), каде имаше состанок со првиот човек на институцијата, Дарко Каевски. Нашата држава по долго чекање се врати на европската боречка сцена, а Егоров успеа да донесе медал од настанот.

Владимир Егоров ја потврди својата одлична форма и во категоријата до 57 килограми го освои бронзениот медал, откако во малото финале славеше над Нурмагомед Гаџиев (Азербејџан) со резултат 7-5. 

До патот до бронзата Егоров ги совлада Муслим Садулаев (Русија), 2-5 и Леван Метревели Вартанов (Шпанија). Oвој успех на Егоров има посебна тежина, бидејќи доаѓа по пауза од цели 12 години. Македонија последен пат во 2007 година се радувала на еден континентален медал.