„Златниот гонг“ оваа година со 50 боксери од 12 земји

Една од најстарите спортски традиционални манифестации во нашата земја, боксерскиот турнир „Златен Гонг” годинава по 46. пат ќе се одржи во Скопје. Влогот на многумина низ изминативе 46 години во организирањето на овој настан придонесе „Златниот Гонг” да прерасне во спортски настан кој го промовира нашиот град и нашата држава, оставајќи траен белег низ спортот. 

„На мое големо задоволство, и годинава „Златниот Гонг” ќе го потврди нивото и квалитетот. Имено, учество ќе земат преку 50 натпреварувачи од 12 европски земји, кои во наредниве два дена во „ВИП Арената“ при СЦБТ ќе ги вкрстат ракавиците во златниот ринг. Македонската селекција ќе ја сочинуваат шест боксери, кои ќе се натпреваруваат за еден од трите пехари и тоа, најпрестижниот „Златен гонг“ за најдобар боксер, пехар за најдобар техничар и пехарот за најдобар Македонски боксер. Пехари ќе добијат и најдобриот тренер, најдобриот судија и секако трофеј ќе има и за најдобриот странски боксер“, рече претседателот на федерацијата Игор Златков.

Традиционално, главен покровител на овој настан е Агенцијата за млади и спорт, која годинава одвои 900.000 денари за организацијата на овој боксерски турнир.

„Ја користам приликава да ги поканам сите љубители на боксот, сите љубители на спортот во нашата земја да дојдат во СЦ „Борис Трајковски“ и во петок и сабота да проследат квалитетен бокс“, изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.

На прес-конференцијата со пофални зборови за организацијата се огласи и супервизорот од светската и европска боксерска асоцијација хрватот Марко Марковиќ. Тој ја потенцираше важноста на постоењето на оваа манифестација, некриејќи го задоволството од македонското гостопримство.