• Зоран Мишевски
По годината на дефинитивен скок и развој на македонскиот бокс, време е за потврда на враќањето на интересот за благородната вештина во нашата земја. Во разговор за Gol.mk претседателот на Боксерската федерација на Македонија, Игор Златков откри како треба да изгледа националната боксерска лига која ќе почне оваа година, а и регионалната лига која наскоро ќе започне.
„Пред нас е многу напорна и тешка година. Прва цел е да ја формираме македонската боксерска лига, а тоа нема да биде лесно. Оваа пролет ќе организираме квалификационо првенство, на кое имаме најави дека ќе се пријават 30 екипи од целата земја. Најдобрите 16 ќе играат во Првата лига, а останатите ќе ја сочинуваат Втората лига. Кога ќе ги дефинираме прволигашите и второлигашите ќе започнат лигашките натпревари кои треба да ни донесат квалитет, да го вратат сјајот на боксот во нашата земја и да ги наполнат салите. Исто така сакам да потенцирам дека со помош на луѓето кои го препознаа боксот како базичен спорт обезбедивме високи паричнии награди за шампионите, па шампионот во Првата лига ќе заработи 20.000, а победникот во Втората лига ќе доби 10.000 евра“, цели Златков.
Тој се осврна и на учеството на еден македонски клуб во регионалната лига, во која ќе учествуваат боксери од цела поранешна Југославија, со исклучок на Словенија. Македонија ќе ја претставува БК Вардар, кој е новоформуран клуб, во кој ќе членуваат и боксуваат најдобрите боксери од сите останати клубови од земјата, како би имале најсилен претставник во регионалната лига.
„Почетокот на регионалната лига е голем предизвик за сите нас. Преку БК Вардар обезбедивме силен ростер на боксери и многу се големи нашите очекувања на почетокот на натреварувањето во март оваа година. Одеднаш имаме голем број на бокс мечеви и услови какви што никогаш немале боксерите од нашата земја. Боксот има светла перспектива со вакви инвестиции и идеи и во иднина“, заклучи претседателот.
Годинава според календарот предвидени се традиционалните манифестации кои ќе се одржат во втората половина на 2017 година: „Златниот гонг“ во Скопје, државното првенство во Битола ии турнирот „Јордан Мијалков“ во Штип.