„Жетва“ на медали: Браќата Рустемовски „златни“ на Балканското првенство!

Македонските боксери имаа перфектен настап на Балканското првенство и од него заминуваат со две злата, едно сребро и пет бронзени медали во сениорска и јуниорска конкуренција. 

Браќата Рустемовски денес во финалните борби обезбедија победи и златни медали меѓу сениорите, за кулминација на првенството на кое имаше „жетва“ на медали. 

Ален Рустемовски во категоријата до 57 килограми во финалето беше подобар од украинскиот ривал Денис Роздолски. Од друга страна, Ружди Рустемовски боксуваше и го победи домашниот боксер во Лозница, Стефан Чамовиќ од Србија. 

Вчера сребрен медал освои Ардијан Рустемовски со пораз во финалето, а претходно бронзени медали освојуваа Ебутаил Агушев, Лука Трифуновиќ, Тарик Весели, Димитар Ѓорески и Енис Алиу.

Групата боксери кои ги предводеа Владимир Цекиќ и Тархан Демиров се враќа од Србија со дури осум медали, што е навистина одличен резултат.