• Зоран Мишевски

Љубителите на боксот останаа разочарани по одлуката да биде одложен боксерскиот меч меѓу поранешниот апсолутен светски шампион Мајк Тајсон и неговиот сонародник, блогерот Џејк Пол, соопштија од компанијата „Мост Валјубл Промоушнс“ која е организатор на борбата. Дуелот требаше да се одржи на 20 јули во Вашингтон.
„Долгоочекуваната борба помеѓу Пол и Тајсон ќе биде одложена. По консултација со лекарите на Тајсон, му беше препорачано да прави минимална физичка активност неколку недели, по што ќе може да продолжи со целосни тренинзи. Двајцата дојдоа до заклучок дека им треба рамноправен терен за да влезат во борба во добра форма“, се вели во соопштението.
Пред неколку дена се дозна дека здравствената состојба на 58-годишниот Тајсон се влошила за време на лет и дека му е потребна лекарска помош. Подоцна, претставник на боксерот изјави за медиумите дека здравјето на спортистот е добро.
Новиот термин на натпреварот ќе биде објавен на 7 јуни. Борбата треба да се одржи кон крајот на оваа година.