• Редакција Gol.mk
Вечерва во Битола заврши триесеттото поединечно првенство на Македонија во бокс.
Нови државни прваци добивме во кадетска конкуренција за боксери кои се натпреваруваа во конкуренција до 40, 42, 46, 48, 50, 52, 57, 60 и 70 килограми, во јуниорска конкуренција до 40, 54, 57, 60, 63, 66, 70 и 80 килограми, потоа во младинска конкуренција каде новите македонски шампиони се во категоријата до 57, 67, 71, 80 и 86 килограми, како и во сениорска конкуренција каде титулата најдобар македонски боксер ја освоија боксери во конкуренција до 60, 67, 75, 80 и 92 килограми.
Со одлука на Боксерската федерација на Македонија (БФМ) за најдобар боксер на првенството е прогласен Ален Рустемовски, помладиот Арбел Рустемовски е прогласен за најдобар техничар, признанието за најдобар судија му беше доделено на Мејдин Бајрамов, а дуелот меѓу боксерите Мачковски и Стојменовски беше прогласен за најборбен пар.
Учесниците на Државното првенство беа поздравени од градоначалникот на Битола, Тони Коњановски и претседателот на БФМ, Кристијан Андреевски кој на репрезентативците освојувачи на медали на неодамнешното Балканско првенство во бокс што се одржа во српскиот град Лозница им додели парични награди.
Домаќин и организатор на шампионатот кој се одржа во спортската сала „Боро Чурлевски“ беше боксерскиот клуб Пелистерски јунак од Битола и Националната боксерска федерација на Македонија.