Време е за Олимписки игри: Поддршка од Општина Битола за Ален Рустемовски (ФОТО)

Македонскиот боксер Ален Рустемовски добива сериозна поддршка од Општина Битола по историскиот успех на Европското првенство во Бугарија.

Рустемовски освои бронзен медал на континенталниот шампионат, со што по пауза од две децении донесе европско одличје за Македонија во боксот. По големиот успех, боксерот и неговиот тренер Јове Петровски беа на прием кај градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

„Градскиот татко“ истакна дека Рустемовски не планира да застане тука, туку веќе ги насочува погледите кон новите предизвици и најголемиот сон - настап и медал на Олимписките игри.

„Знаев дека еден ден ќе успеам и денес можам да кажам дека ова е само почеток. Знам дека допрва ме чекаат уште поголеми предизвици. Мојот сон останува ист, а тоа е Олимпијадата и олимписки медал“, порача младиот боксер.

Тој посебно ја истакна гордоста што по 20 години успеал повторно да донесе европски медал во боксот за Македонија.

Од Општина Битола најавија дека поддршката за Рустемовски ќе продолжи и во следниот период. За неговите подготовки со цел обезбедување пласман на Олимписките игри, општината ќе одвои еден милион денари од својот буџет.

Паралелно со финансиската поддршка за боксерот, Битола работи и на подобрување на условите за тренинзи. Во градот се гради нова боксерска сала, која наскоро треба да биде ставена во функција и да им биде достапна на Рустемовски и на останатите боксери.