• Саше Љолес

Спектакуларниот долгоочекуван реванш-дуел помеѓу Ентони Џошуа и Дилијан Вајт официјално е откажан поради пронајдени нерегуларности во допинг-тестот на Вајт.
Боксерите од тешка категорија требаше одново да се соочат во „О2 Арената“ во Лондон на 12 август, но мечот е откажан, а промотерската куќа „Мечрун“ најави детална истрага за случајот. Тестирањето на Вајт резултирало со нерегуларности кои отвораат сомнеж за подготвеноста на боксерот и го доведуваат во прашање спортскиот карактер на мечот, што било повеќе од доволна причина за откажување на настанот.
Вајт изјави дека е шокиран од одлуката и рече дека никогаш не земал никакви недозволени супстанци. Тој потенцира дека самиот инсистирал на тестирањето и лично ги подмирил трошоците за тестот.
„Потполно сум невин и ги отфрлам сите наводи за евентуален допинг. Ќе следи истрага, а јас ќе ја докажам мојата невиност и трпеливо ќе ја чекам правдата. Сакам да ги замолам сите да се воздржат од донесување прерани заклучоци, ќе има долг процес во кој сите ќе сфатат дека погрешиле“, изјави Вајт.
Претходниот дуел помеѓу Џошуа и Вајт се одржа во 2015 година. Тогаш борбата го одлучуваше шампионот на Велика Британија во тешка категорија, а Џошуа славеше триумф со нокаут во седмата рунда.
Вајт и во минатото имаше проблем со допингот и беше суспендиран во периодот помеѓу 2012 и 2014 година, а дури во 2019 година Британската антидопинг асоцијација го отфрли официјално случајот против него, велејќи дека нивото на стероди било премногу мало и боксерот не бил виновен за ситуацијата во која се нашол.
Останува непознато колку време ќе трае истрагата за случајот со Вајт и дали во скоро време мечот против Џошуа повторно ќе биде закажан. Едно е сигурно, публиката ќе остане „покуса“ за дуелот кој беше најавен како спектакуларна пресметка помеѓу двајцата боксери.