• Горан Упале

Преостануваат уште два дена до долгоочекуваната борба меѓу Тајсон Фјури и Деонтеј Вајлдер. Сабота по полноќ сите очи ќе бидат вперени кон Лос Анџелес, за каде е закажан бокс спектаклот меѓу двата шампиони, а истиот може да биде историски за американскиот боксер.
Вајлдер ќе се бори за својата 43-та победа во кариерата и 11-та одбрана на титулата во низа. Доколку успее во тоа, ќе го надмине рекордот на легендарниот Мохамед Али.
„Тоа ќе биде фантастично. Моја 11-та одбрана на титулата. Никогаш не сум мислел дека можам да се израмнам со Али. Сега, ќе го нокаутирам Фјури и ќе станам поголем од Али“, рече Вајлдер.
Вајлдер до ВБЦ појасот стигна во 2015 година, кога го нокаутираше Берман Стиверн и одтогаш до денес е владетел во оваа категорија. Мохамед Али, пак, во 1974 година во борба со Џорџ Форман за првпат ја одбрани титулата, која четири години подоцна ја загуби, откако по одлуката на судиите загуби од Леон Спинкс.