ВИДЕО: Вајлдер и Фјури имаа меч за паметење, но борбата заврши нерешено!

Тајсон Фјури и Дионтеј Вајлдер приредија меч за паметење во борбата за појасот во тешка категорија, но истиот заврши нерешено (113-113), по феноменални 12 рунди и судиска одлука. 

Вајлдер влезе во рингот со скор 40-0, од кои 39 победи се нокаут, додека Фјури има 27-0, од кои 19 се нокаути. Вајлдер истовремено беше бранител на ВБЦ-појасот, но немаше изразита доминација, а во борбата имаше блесок со два удари, во деветтата и дванаесеттата рунда. Фјури, пак, имаше кам-бек за почит, двапати стануваше од подот, но не успеа осум добри рунди зад своето име да ги круниса со триумф.

Вајлдер подобро го започна мечот во „Стејплс центарот“ во првата рунда, но во финишот се случи пресврт, затоа што Фјури му зададе еден удар на Американецот со кој го зашемети. Втората и третата рунда беа прилично изедначени, додека во четвртата рунда следеше доминација на Фјури која му донесе голема предност во мечот.

Исто така, Британецот беше одличен и во шестата и седмата рунда, во кои му создаваше голем притисок на противникот, додека Вајлдер делуваше збунето и без решение. Првиот блесок бранителот на појасот го имаше во деветтата рунда, кога му зададе еден удар на Фјури и го фрли на земја, но Британецот се извлече од бездната и продолжи да се бори.

Во десеттата рунда, Фјури се стабилизира и славеше според бројот на поени, по што следеше мирна 11 рунда, а во 12. рунда, Вајлдер му зададе силен удар на противникот, а тој заврши на земја како покосен, но се исправи и продолжи до крај. Мечот го реши судиска одлука, а делителите на правдата пресудија дека нема победник (113-113).

Датумот на реваншот ќе биде познат во наредните денови.