• Горан Упале
Тајсон Фјури ја освои титулата светски шампион во ВБЦ категорија, откако на синоќешниот спектакл во Лос Анџелес со технички нокаут во седмата рунда славеше голема победа над досегашниот шампион, Дионтеј Вајлдер.
Пред нешто повеќе од година дена двајцата боксери имаа меч кој заврши без победник, а за многумина истиот требаше да заврши во полза на Британецот. Токму заради „украдената“ победа, Фјури беше дополнително мотивиран и од самиот старт го притисна Вајлдер, кој пак во ниту една рунда не беше рамноправен противник.
- Борбата меѓу Фјури и Вајлдер:
Британецот доминираше во текот на целата борба и двапати го испрати противникот на подот (трета и петта рунда), а во седмата рунда по новиот налет на Фјури, тимот на Вајлдер одлучи дека Американецот не може повеќе да ги издржи ударите и го фрли пешкирот на рингот во знак на предавање на мечот.
Со оваа победа Фјури по вторпат е светски шампион во ВБЦ категорија и многу веројатно во иднина ќе проба да го предизвика сопственикот на титули во ВБА, ИБФ и во ВБО верзијата, Ентони Џошуа.