Уште еден Рустемовски ја направи Македонија горда: Арабел обезбеди европски медал

Македонскиот боксер Арабел Рустемовски продолжува со одличните настапи на Европското првенство за млади до 17 години во Будва, Црна Гора. Рустемовски со мудра и тактички одлично одработена борба го совлада Италијанецот Цезаре Спацијани со 4-1 и обезбеди пласман во полуфиналето, а со тоа и најмалку бронзен медал.

Рустемовски од самиот почеток се обиде да ја контролира борбата од дистанца. Првата рунда му припадна на македонскиот боксер, додека во втората Спацијани настапи поагресивно. Арабел не влезе во директна пресметка, туку умешно избегнуваше удари и возвраќаше со контри, што се покажа како вистински пристап. Во последната рунда Рустемовски ја бранеше стекнатата предност и успешно го приведе мечот до крај, иако Италијанецот беше поактивен во овој дел од борбата.

Со оваа победа, македонскиот репрезентативец обезбеди најмалку бронзен медал, а утре ќе има можност да се бори за место во големото финале. Успехот има дополнителна тежина и за тренерот Петар Чурлиновски, кој токму денес го слави својот роденден. Рустемовски му подари најубав подарок со победата и пласманот во полуфиналето.

На Европското првенство во Будва настапуваат 495 боксери од 40 земји, што дополнително ја истакнува вредноста на резултатот на македонскиот боксер. Во полуфиналето противник на Рустемовски ќе му биде Чарли Кит од Велика Британија.