Тројца боксери ќе ја бранат честа на Македонија на ЕП во Софија

Македонската боксерска репрезентација ќе настапи со тројца боксери на Европското првенство за сениори, кое од 16 до 25 септември ќе се одржи во Софија, Бугарија.

Македонија на континенталниот шампионат ќе ја претставуваат Ален Рустемовски во категоријата до 60 килограми, Алим Насуфи до 70 килограми и Илчо Костовски до 90 килограми. Репрезентацијата на Европското првенство ќе ја предводи тренерот Јове Петровски, кој ќе биде во аголот на македонските боксери во Софија. 

За Илчо Костовски и Ален Рустемовски, настапот на Европското првенство доаѓа по учеството на Медитеранските игри, каде што стекнаа дополнително големо меѓународно искуство и сега ќе имаат нов предизвик на европската сцена.