Светскиот боксерски шампион ќе се кандидира за претседател на Украина?

Светскиот боксерски шампион во тешка категорија, Александар Усик, изјави дека наскоро би сакал да се кандидира за претседател на Украина. 

36-годишниот боксер ќе ги „вкрсти ракавиците“ со Британецот Даниел Дубоа на 26 август во Вроцлав, а во пресрет на овој дуел даде навистина интересна изјава за украинските медиуми. 

„Се враќам во тешка категорија и повторно ќе бидам светски шампион. Знам дека можам да бидам неприкосновен и ќе го докажам тоа. Најпрво ќе ја освојам титулата, а потоа сакам да се кандидирам за претседател на Украина“, изјави Усик. 

На новинарско прашање дали актуелниот претседател Зеленски треба да биде загрижен, Усик одговори дека „Зеленски може да биде спокоен“ а потоа силно ја стисна својата тупаница. Повеќето медиуми ја протолкуваа изјавата на Усик како шеговита, па останува да видиме дали украинскиот боксер навистина ќе реши „да се проба“ во политиката, особено во време кога неговата земја е под воена инвазија од Русија. 

Александар Усик е светски шампион во тешка категорија и тоа во четири верзии (ИБО, ВБА, ИБФ и ИБО). Му недостасува само најсјајниот и најважниот појас од ВБЦ категоријата, кој во моментов му припаѓа на Тајсон Фјури.

Самиот Усик е родум од Крим, а откако започна војната во Украина се воздржуваше од давање изјави кои можат лошо да бидат протолкувани од јавноста. Неодамна тој за првпат отворено застана зад претседателот Володимир Зеленски и му искажа огромна поддршка во тешките времиња за неговата татковина.