ВИДЕО: Супер-аперкатот на Поветкин го испрати Британецот Вајт на подот!

Поранешниот шампион во тешка категорија во ВБА верзијата, Александар Поветкин, се врати по паузата поради корона-кризата на фантастичен начин. Русинот спектакуларно го нокаутира Британецот Дилијан Вајт и нокаутот го обиколи светот и фановите на благородната вештина останаа одушевени. 

Во натпреварот кој одлучи кој ќе биде следниот прв предизвикувач за титулата во ВБЦ, „рускиот витез“ славеше со нокаут во петтата рунда. По претпазливи неколку рунди, Вајт го сруши 40-годишниот Русин двапати во четвртата рунда. После тој шок се чинеше дека Британецот е чекор поблиску до победата. Сепак, во петтата рунда, поранешниот олимписки шампион го погоди Вајт со фантастичен лев аперкат и забележа нова победа, 36-та во кариерата, во која има уште два порази и едно реми.

Поветкин е следниот предизвикувач на Тајсон Фјури, сегашниот шампион во ВБЦ, но ќе мора да го почека „кралот на циганите“ да ги вкрсти ракавиците со Дионтеј Вајлдер. Исто така, постои и клаузула според која Вајт има шанса за реванш против Поветкин.

Мечот го следеше и шампионот во три верзии, Ентони Џошуа.