Сосема заслужено: Рустемовски и Попева најдобри спортисти на Македонија

Македонскиот спорт доби нов херој. Боксерот Ален Рустемовски е прогласен за спортист на Македонија, признание кое доаѓа како круна на неговите извонредни резултати, посветеност и континуиран напредок на домашната и меѓународната сцена.

Со своите настапи во текот на изминатата година, Рустемовски ја промовираше Македонија на највисоко ниво, покажувајќи дека талентот, дисциплината и упорната работа секогаш наоѓаат пат до успехот. Неговите достигнувања не се само личен триумф, туку и силна мотивација за младите спортисти ширум земјата. Ова признание претставува потврда дека Рустемовски е еден од најзначајните амбасадори на македонскиот спорт, спортист кој со гордост го носи државниот грб и ја претставува Македонија со чест и достоинство.

Прогласувањето за спортист на Македонија е уште еден чекор напред во неговата успешна кариера и силна најава дека од Рустемовски допрва се очекуваат уште поголеми успеси. Во 2025 година Ален беше вицешампион на Европа до 21 година, балкански шампион и освојувач на „Златен гонг“. Во оваа категорија, покрај Рустемовски, за спортист на годината беа номинирани и Енис Барди (фудбал), Стефан Михајловски (кикбокс и маитаи), Андреас Трајковски (атлетика) и Владимир Егоров (борење).

Спортистка на годината е Катерина Попева, бодибилдинг и фитнес шампион. Девојката беше дел од Светското првенство во Санта Сузана, Шпанија, каде го освои првото место и стана светска првенка. Попева заврши пред Ангела Мојсовска (карате), Александра Марковска (фудбал), Катерина Ацевска (џиу-џицу) и Сашка Колеска (спортски танци).

  • Добитници по категории: 

Спортист на годината: Ален Рустемовски (бокс)

Спортистка на годината: Катерина Попева (боди билдинг и фитнес)

Најуспешен млад спортист: Адријан Рустемовски (бокс)

Најуспешна млада спортистка: Даниела Алексовска (бразилска џиу џица)

Најуспешен женски национален тим: Ракометна репрезентација на Македонија - сениорки

Најуспешен машки национален тим: Одбојкарска репрезентација на Македонија - сениори

Најуспешен тренер/селектор: Могамед Ибрагимов (борење)

Најуспешна национална спортска федерација: Џудо федерација на Македонија

Најуспешен спортист со инвалидитет: Андреј Стојановски (пливање)

Најуспешна спортска екипа од Универзитетите: Машки тим во мал фудбал на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје

Најуспешен училишен спортски клуб од средните училишта: СУГС „Никола Карев“ - Скопје

Најуспешен училишен спортски клуб од основните училишта: ООУ „Никола Карев“ - Кочани

На годинашното издание на изборот „Спортист на годината 2025“ беше доделена и плакета за постигнати резултати на талентиран млад спортист. Добитник на ова признание е младиот пливач Петар Цеков.